Поддршка на развојот на децата преку воннаставни активности
Зошто е ова важно?
Воннаставните активности играат важна улога во учењето, здравјето, самодовербата и социјалниот развој на децата. Сепак, обезбедувањето на овие можности бара од семејствата да инвестираат и финансиски средства и значително време во планирањето и организирањето на активностите, паралелно со работата и другите обврски.
Поддршката од работодавачот може да го намали дел од овој товар, правејќи ги воннаставните активности подостапни и поприфатливи по цена. Ова им помага на родителите да ги задоволат развојните потреби на своите деца без дополнителен притисок врз семејниот буџет и поддржува подобра рамнотежа помеѓу работните и семејните обврски. Истовремено, тоа е сигнал дека организацијата ги препознава вработените не само како работници, туку и во нивните улоги и обврски надвор од работното место.
Придобивки
За вработените
- Ги поддржува учењето, развојот и благосостојбата на децата.
- „Програмата „Бенефит за деца на вработени“ е воведена како дел од пошироката стратегија на Алкалоид АД Скопје за грижа и поддршка на вработените и нивните семејства. Преку обезбедување финансиска поддршка за образовните, спортските, културните и рекреативните активности на децата, програмата покажува дека компанијата се грижи не само за професионалната благосостојба на вработените, туку и за благосостојбата и развојот на нивните семејства. Ова придонесува кон поголемо задоволство и мотивација, позитивна работна средина и посилно чувство на припадност. Сè поголемиот интерес за програмата ја потврдува нејзината препознаена вредност: бројот на деца вклучени во неа пораснал од 547 во 2021 година на 885 во 2025 година – што претставува зголемување од 61,8%. Со директната поддршка на семејствата на вработените, програмата помага во зајакнувањето на довербата и долгорочната лојалност, го подобрува задржувањето на кадарот и ја поттикнува стабилноста на работната сила. Таа, исто така, ја зацврстува позицијата на Алкалоид како работодавач што е ориентиран кон семејството и е општествено одговорен, зголемувајќи ја атрактивноста на компанијата како за сегашните, така и за идните вработени.“изјава од алкалоидГо намалува финансискиот трошок за воннаставни активности.
- Поттикнува еднаков пристап до организирани едукативни, културни и спортски програми.
- Им помага на вработените подобро да ги балансираат работните и семејните обврски.
За работодавачите
- Ги зајакнува задоволството, ангажираноста и лојалноста на вработените.
- Поддржува семејно одговорна организациска култура.
- Ја зголемува репутацијата и атрактивноста на работодавачот.
- Придонесува кон задржување на вработените.
Како ова функционира во Алкалоид АД?
Во Алкалоид АД Скопје, оваа иницијатива се спроведува преку програмата „Бенефит за децата на вработените“.
Компанијата обезбедува фиксен месечен надомест за поддршка на воннаставни активности за секое дете коешто ги исполнува условите, на возраст од 5 до 18 години, или до завршување на средното образование.
Бенефицијата може да се користи за широк спектар на организирани активности, вклучувајќи спортски и рекреативни програми, курсеви за странски јазици, музика и изведувачки уметности, танцови програми, клубови за програмирање и роботика, STEM програми, едукативни академии и други организирани воннаставни активности коишто придонесуваат за развојот на децата.
Надоместокот се обезбедува независно од вистинската цена на активноста, под услов вработениот да ги исполнува критериумите за подобност и да ја достави потребната документација.
Како се спроведува практиката?
-
Изработете внатрешна процедура
Изработете јасна внатрешна процедура со која се дефинираат критериумите за подобност, поддржаните активности, потребната документација, процесот на спроведување и одговорностите.
-
Објавете годишен оглас
На почетокот на секоја учебна година, објавете внатрешен оглас со кој ги поканувате вработените коишто ги исполнуваат условите да се пријават. Во огласот треба јасно да бидат наведени критериумите за подобност, процесот на пријавување, потребната документација и правилата за надомест.
-
Пријавување на вработените
Вработените поднесуваат пријава во која се наведува детето коешто ги исполнува условите и избраната воннаставна активност, заедно со доказ за запишување во програмата.
-
Проверете ја подобноста и исплатете го надоместокот
Секој месец, вработените доставуваат доказ за платена активност. Определена внатрешна комисија ја разгледува документацијата и потврдува дека сите услови за подобност се исполнети пред да го одобри надоместокот. Надоместокот се исплатува како додаток на платата само за месеците во кои детето активно учествува во програмата.
-
Потврдете го завршувањето
На крајот на програмата или учебната година, вработениот доставува сертификат или потврда со која се докажува дека детето присуствувало или успешно ја завршило активноста.
Совети за успешно спроведување
- Дајте ѝ на програмата едноставно и препознатливо име за да се зголеми видливоста и свеста кај вработените.
- Спроведете финансиска проценка пред воведувањето на програмата. Определете го бројот на потенцијално подобни деца, проценете како тој број може да се менува со текот на времето и издвојте соодветен годишен буџет.
- Јасно дефинирајте кои активности се подобни за надомест.
- Комуницирајте ја програмата редовно преку сите внатрешни канали за комуникација, не само за време на годишниот период за пријавување.
- Водете сметка процесот на пријавување и проверка да биде едноставен и транспарентен. Јасно комуницирајте ги потребната документација, роковите и процесот на исплата, и определете одговорно лице или мал тим којшто ќе ги администрира и проверува пријавите.
- Обезбедете еднаков пристап до бенефицијата со примена на исти критериуми за подобност за сите вработени, без разлика на позицијата, стажот или организациската единица.
- Воспоставете доследен месечен процес на проверка за да се обезбеди правичност и одговорност.
- Споделувајте позитивни искуства и примери од вработените за да поттикнете поголемо користење на бенефицијата.
Како да го измерите успехот?
Разгледајте ја можноста за следење на:
- Број и процент на вработени коишто ја користат бенефицијата.
- Број на поддржани деца како % од сите деца коишто ги исполнуваат условите.
- Распределба на поддржаните активности по тип и возраст.
- Годишна искористеност на издвоениот буџет.
- Задоволство на вработените од бенефицијата.
- Причини за ниска искористеност, доколку е применливо.